Тим на научници успејаа да создадат храна преку експеримент, од електрицитет и воздух, со надеж дека техниката може еден ден да се користи за да се стави крај на гладот.
„Храна од електрицитет“ е истражување извршено од научниците на ВТТ Центарот за технички истражувања од Финска и Лапенранта Универзитетот за технологија. Нивната амбициозна цел, како што велат, е во светот да нема гладни луѓе.
Иако можеби финалната цел изгледа недостижна, нивната метода е еден чекор поблизу до нејзино остварување, бидејќи успејаа да создадат храна богата со протеини од јаглероден диоксид и струја. За целиот процес да биде уште „позелен“, струјата која ја користеле била обновлива.
Финските истражувачи ја создале храната преку изложување на сировите материјали – јаглероден диоксид извлечен од вода, воздух и микроби, и ставајќи ги во „протеински реактор“ со големина од филџан за кафе. Потоа вклучиле и процес на електролиза, односно пуштиле електрична струја преку течност која содржи јони, што резултирало во хемиско разложување.
Потребни се околу две недели за да се произведе само еден грам од протеинскиот прашок, кој е составен од 50 проценти протеини и 25 проценти јаглени хидрати. Останатото е сочинето од масти и киселини.
Прашокот не е вкусен и не може да ја замени храната во секој аспект, но сепак е суплемент создаден од обновлива енергија. Доколку може да се произведува во големи размери ефикасно, може да одигра огромна улога во решавање на проблемот со светскиот глад.
„Во пракса, сите сирови материјали се достапни од воздухот. Во иднината, технологијата може да се користи, на пример, во пустините или другите области кои се соочуваат со глад“, вели Јуха-Пека Питкантен, главениот научник во ВТТ.
Според проценките на истражувачите, процесот е веќе 10 пати поефикасен од фотосинтезата, но за да се направи достапен на пазарот како нормален процес на производство на храна несотасува повеќе ефикасност.
Истражувачите се надеваат дека нивното откритие ќе може да се искористи за да се замени сточната храна, со што ќе се ослободи земја користена за нејзино одгледување, а наместо тоа ќе се одгледува храна потребна за луѓето.
Тимот верува дека нивниот систем може да има и голем број на предности во однос на традиционалните методи на производство на храна.
„Во споредба со традиционалното земјоделство, методот на производство кој моментално го развиваме не бара локација со услови за земјоделие, како погодна температура, влажност или одреден тип на почва“, вели професорот Јеро Ахола.
Доколку нивните обиди да го направат системот поефикасен се покажат успешни, светот би можел да има обновлив начин на добивање на храната која му е потребна, без да и штети на околината.