Ако сте си играле со апликациите на Snapchat или Instagram и сте си ставале кучешки ушиња и венчиња, сте го искористиле максимумот од примената на проширената реалност (augmented reality) достапна досега.
AR Measure е нова и надежно корисна апликација што ќе го претвори ајфонот во прецизно метро за мерење должина во реален простор. Апликацијата ја креираше Laan Labs, истиот тим што го смисли FaceSwap, врз основа на технологијата ARKit на Apple.
AR Measure ја анализира сликата преку камерата и бара хоризонтални и вертикални рамни површини во просторијата како подот, ѕидот или работната маса. Откако ќе ги препознае, апликацијата може да детектира и помали предмети на овие рамни простори и потоа може да ги измери.
Имајќи предвид дека ова е технологија на Apple, апликацијата ќе биде достапна само на уредите iPhone и iPad, и тоа само на моделите што имаат процесор Apple A9 или A10. Тоа значи дека мора да имате iPhone 6S или понов модел, или iPad Pro, за да ја користите оваа апликација.
AR Measure ќе излезе наесен заедно со новиот OS на Apple, а напредокот на апликацијата може да го следите на armeasure.com.