Пожарите што беснеат во Далмација изминативе денови предизвикаа толкава количина чад што било можно да се види и од вселената.

Еден од сателитите на НАСА го снимал јадранскиот брег, а на фотографијата може да се видат три големи траги од чад и пепел како се движат кон југозапад, кон брегот на Италија.

Активните жаришта се означени со црвена боја.

Во пожарот кој од вчера беснее на површина од повеќе километри од Омиш до Сплит полесно се повредени 80 лица, од кои повеќето пожарникари.

Повредените се примени со симптоми на конјунктивитис, со гушење од прекумерно вдишување чад и лесни изгореници по рацете и нозете.

Состојбата со пожарот во Сплит останува непроменета – стотина пожарникари од цела Хрватска се борат со огнот, а утринава на помош стигнале и канадери.

Пожарот досега уништи 4.500 хектари борова шума, маслинки, нискостеблеста шума, трева, но изгореле и куќи, возила и деловни објекти. Материјалната штета допрва ќе се утврдува.

Причината за пожарот сè уште не е позната.