Intel оваа недела беше прилично зафатен. Имено, во својата понуда додаде неколку нови процесори од Kaby Lake серијата.

Поточно, се работи за шест нови Core i3 модели, и за еден нов Core i5, Core i7 и Xeon E3 модел. Сите процесори во однос на своите претходници не донесуваат преголеми промени, туку исклучиво работат на нешто повисок работен такт. Новите Core i3 модели исто така се побрзи за 100 MHz, а новиот Xeon E3 за 200 MHz, односно за 300 MHz, кога е во прашање Boost брзината.

Core i3 серијата сега ја претставуваат и моделите – Core i3-7120, Core i3-7120T, Core i3-7320T, Core i3-7240, Core i3-7007U и Core i3-7510U. Првите четири процесори се наменети за десктоп конфигурациите и зависно од моделот ги одликува TDP од 35 или 51 W, додека последните два имаат  TDP од 15 W и се наменети за вградување во преносните компјутери. За идните преносници се наменети и новите Core i5-7210U и Core i7-7510U модели кои исто така го одликува TDP од 15 W.

Intel во понудата вклучи и еден  Xeon E3-1285 v6 кој според гласините ќе се најде и во iMac Pro. Новиот Xeon, освен поголемите брзини (4,1 GHz/4,5 GHz) има и поголем TDP (91 W) во однос на претходникот – Xeon E3-1280 v6 (3,9 GHz/4,2 GHz, TDP 72 W).

Подеталните спецификации врзани со новите процесори на Intel можете да ги пронајдете во приложените табели, како и на официјалната интернет страница на Intel.