Добро познат факт е дека развојот на технологијата го менува светот и нашиот секојдневен живот. На подобро или полошо, оставаме на вас самите да процените. Но, како ќе изгледа светот за неколку години? Да речеме, во 2020. година?

Компанијата Фејсбук решила да се позанимава со оваа тема и помеѓу милионите податоци кои им се на располагање, тие извлекле некои кои би можеле да укажуваат на тоа што нè чека во иднина.

Така, според некои проценки, до 2020. година, повеќе луѓе ќе поседуваат паметен телефон отколку што луѓето ќе имаат пристап до вода за пиење или електрична енергија. За првпат во историјата, процентот на луѓе кои имаат пристап до интернет ќе го надмине бројот на оние кои што немаат пристап.

Во Фејсбук проценуваат дека до 2020. година, повеќе од 75 отсто од мобилниот интернет сообраќај ќе се троши на видеата, затоа што луѓето се 1,5 пати понаклонети да гледаат видео на мобилен уред, отколку на компјутер.

Користењето на мобилните уреди им овозможило на луѓето секогаш да бидат во тек со настаните околу нив, но истото им ја намалува концентрацијата. Така, кога тие го прегледуваат својот Timeline на компјутер, корисниците „трошат“ 2,5 секунди, додека на мобилен уред „трошат“ само 1,7 секунди.

Интересно е тоа што сè повеќе луѓе ја користат можноста за видео во живо. Денес, веќе секое петто видео на Фејсбук е всушност пренос во живо. И не, тука не се вбројуваат само медиумите или славните личности кои на тој начин комуницираат со своите следбеници.

Ќе исчезнат границите помеѓу виртуелната и проширената реалност и „вистинската“ реалност. Луѓето со помош на виртуелната и проширена реалност ќе пробуваат облека и чевли пред купување, ќе тестираат автомобили или дестинации кои сакаат да ги посетат, а и одењето на натпревар, во кино или на концерт ќе добие нова димензија.

Виртуелната реалност ќе ги допре и нашите меѓучовечки односи. Дури 93 отсто од испитаниците до 2020. година се очекува да запознаат некој преку виртуелната реалност.

Покрај тоа, секое трето сурфање на интернет ќе се одвива со помош на гласот, а не на екранот, бидејќи луѓето сè повеќе ќе ги користат личните виртуелни асистенти.