Силната репутација во областа на телефоните што се способни за солидно фотографирање е креирана воглавно поради имплементацијата на Carl Zeiss оптиката. Без разлика дали се работи за N95 или Lumia 1020, корисниците секогаш знаеја дека телефонот нема да ги разочара на полето на фотографиите и видеата. Меѓутоа, каква е ситуацијата сега, кога HMD Global ги произведува телефоните на Nokia?
Доколку стравувавте дека телефоните на Nokia ќе бидат осудени на просечност кога е во прашање фотографирањето, можете да здивнете. HMD склопи договор, што ќе овозможи да се користи Zeiss imaging технологијата во телефоните на Nokia. Ова нема да биде лимитирано само на леќите, бидејќи двете компании планираат да работат на функции што се протегаат од софтвер до квалитет на екранот.
HMD Global и Zeiss не објавија специфични детали кои се однесуваат на првите телефони со технологијата што ќе го овозможи новиот договор.
Можно е плодовите на оваа соработка да ги видиме токму на телефонот Nokia 9, што би требало да биде прв вистински премиум модел што излегол од производните погони на HMD. Nokia 9, според наводите, ќе има две камери на задната страна, но засега не е познато дали тие ќе ја користат Zeiss технологијата.