Оставката уследила по ревизијата на праксата во компанијата и скандалите меѓу кои имало и обвиненија за сексуално вознемирување

Директорот на компанијата Uber, Тревис Каланик, поднел денес оставка поради притисокот кој го вршеле акционерите, пренесуваат американските медиуми.

Каланик ќе остане член на управниот одбор на компанијата која ширум светот нуди услуги за превоз. Оставката уследила по ревизијата на праксата во компанијата и скандалите меѓу кои имало и обвиненија за сексуално вознемирување.

Каланик минатата седмица соопштил дека зема неограничено отсуство од работа, пренесува BBC. Пет големи инвеститори на Uber побарале од него веднаш да поднесе оставка во писмо кое му го доставиле вчера, пишува New York Times.

Каланик соопштил дека го уважил барањето на инвеститорите и дека поднесува оставка „во тежок момент“ во својот личен живот, за да може Uber и натаму да се развива.

Кризата започна кога поранешната инженерка во компанијата, Сузан Фаулер објави блог каде ја опиша лошата култура во Uber. Наводно, во компанијата се заштитувале сите инженери кои сексуално ги вознемирувале своите колешки, а се казнувале жените кои инсистирале одделот задолжен за човечки ресурси да преземе некакви чекори во врска со пријавените случаи. Така се појавила првата „дамка“ на компанијата што почнала да се проширува.

Меѓу нотираните „минуси“ се нашол и случајот кога Каланик лично се расправал со еден вработен возач, кој му кажал дека со платата што ја добива од фирмата, не може да го прехрани своето семејство.

Каланик беше еден од најомразените директори, а Uber е компанија која „сите сакаат да ја мразат“. Сепак, медиумите вообичаено  се црно-бели, и додека еден лидер го воздигнуваат до небо (примерот со Илон Маск), друг слободно можат да го „закопаат во земја“.