Следниот iPhone ќе биде водоотпорен и ќе има безжично полнење

Овие функции за претстојниот iPhone ги потврди Извршниот директор на тајванската компанија Wistrom, што ги склопува смартфоните на Apple

Пред неколку недели, се појави извештај кој тврдеше дека следниот iPhone би можел да има сензор за отисоци од прсти вграден во дисплејот. Пред неколку дена, нова фотографија на уредот укажуваше на edge-to-edge екран за iPhone 8. Сега, Извршниот директор на компанијата Wistrom (тајванската компанија која склопува iPhone уреди) потврди дека следниот iPhone ќе има опција за безжично полнење и ќе биде водоотпорен.

Wistron е примарен производител на смартфоните на Apple, а директорот на компанијата, Роберт Хванг во текот на неодамнешниот состанок со акционерите потврди: „Процесот на склопување што беше користен во претходните генерации не се промени многу, иако новите функции како водоотпорност и безжично полнење ќе бараат поинакво тестирање, а функцијата на водоотпорност малку ќе го промени процесот на склопување“.

Хванг исто така ги спомена и целите на компанијата, а истакна дека Wistron очекува да испорача повеќе смартфони во 2017 во споредба со минатата година.

Apple не ги коментираше, ниту ги потврди наведените информации.