Роботите не плашат бидејќи им даваме човечки лица и надчовечки особини

Визијата за иднината на футуристот Матијас Хоркс, основач на германската економска и политичка “група од мозоци”, Zukunftsinstitut, звучи како нешто што би го напишал писател на научна фантастика, но и не е толку песимистична како што предвидуваат другите футуристи.

Во недамнешното интервју, Хоркс изјавил дека роботите моментално не претставуваат проблем за општеството, ниту ќе бидат во иднина.

Проблемот всушност се крие во нашиот страв, комплексот од помала вредност и фактот дека на роботите им даваме човечки и надчовечки способности, смета Хоркс. Најавите за можните лоши сценарија всушност според него воопшто не ја опишуваат иднината, туку ги опишуваат нашите стравови и нашата внатрешна несигурност.

– Факт е дека роботите и машините уште од индустриската револуција ги заземаат работните позиции. Но настануваат нови пазари, нови услуги со нови барања, понуди и нови дополнителни вредности, додава Хоркс, потсетувајќи не’ токму на најавтоматизираните држави како Канада, Јапонија или Германија, кадешто невработеноста е на најниско ниво.

Покрај целиот тој напредок којшто веќе можеме да го видиме, како што се на пример автономните автомобили, виртуелните асистенти, вештачката интелигенција, се стекнува впечаток дека веќе живееме во научна фантастика, иако за тоа и не сме свесни. Пилотите на пример, во поголемиот дел од времето само ги наѕираат компутерите коишто управуваат со авионите, а машиновозачите денес често и воопшто не управуваат со возовите.

– Со текот на времето и навистина ќе се популаризираат автономните автомобили за коишто ќе сфатиме и дека не се толку спектакуларни како што сите ние очекуваме, потенцира Хоркс.

Тој е уверен дека уште 10 до 15 години нема да имаме потполно автоматизирани возила. А потоа, кога тие ќе прераснат во вообичаена појава, ќе се прашуваме зошто толку долго сме чекале за таквиот пресврт.

Истото тој го смета и за вештачката интелигенција, за којашто е уверен дека на луѓето всушност ќе им помага во извршување на секојдневните обврски.

Извор: B92.net

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

eight − two =