Традиционалната холандска ветерница доби своја високотехнолошка преобразба со големо еколошко подобрување. Компанијата Windwheel Corporation минатата недела го претстави својот нов проект Dutch Windwheel, односно кружен објект поставен на вода кој произведува чиста енергија и содржи деловен и резиденцијален простор. Направен да биде лоциран во Ротердам, овој футуристички објект има за цел да го трансформира градскиот хоризонт и да служи како нов репер за одржливо проектирање. За прв пат овој проект е претставен кон средината на 2015 година како Dutch Windwheel 2.0, но сега детално се опишани програмските функции и енергетските системи.

Компанијата Windwheel Corporation работела заедно со тим иноватори на развојот на проектот, вклучувајќи ги и компаниите Arup, Royal BAM GroepDeltares и други. Windwheel ќе биде опремен со мобилни кабини кои ќе ги транспортираат посетителите на највисоката точка од објектот. Исто така, ќе бидат поставени и лифтови и скали.

Објектот во облик на диск ќе биде изграден од локални материјали и обложен со специјален „паметен“ слој покриен со билки, и кој ќе ја рефлектира во значителен дел сончевата енергија, но ќе пропушта природна светлина и ќе обезбедува вентилација. Дождовницата ќе се собира и повторно ќе се користи низ целата зграда. Фасадата ќе има интегрирани фотоволтаици, а ќе с екористи и енергијата од ветерот. Органскиот отпад ќе се користи за производство на биогас кој понатаму ќе се користи како енергенс.