Најновата верзија на познатиот веб прегледник Opera доаѓа со интересна можност која ќе им се допадне на голем дел од корисниците. Во левиот дел од прегледникот, стандардно наменет за лентата со пристап до омилените страници и слично, сега се вградени познатите сервиси за разговори, Messenger, WhatsApp и Telegram.

Корисниците на Opera повеќе нема да треба да отвораат посебни табови за да одговарат на пораки од овие сервиси, па истото ќе може да се прави директно од лентата на браузерот. На истата ќе можете да видите ознака доколку има нова порака, а исто така ќе можете да се закачат разговорите за паралелно сурфање и разговарање.

Овие сервиси се избрани од едноставна причина што имаат веб базирани верзии, па интеграцијата во Opera нема потреба од било кави додатоци. Покрај ова, новата верзија на Opera доаѓа и со дополнителни промени досега достапни само во тест верзиите.

Една од главните е промената во корисничкиот интерфејс што сега вклучува и темна тема, повеќе позадини, одредено освежување на целиот изглед на прегледникот, како и целосно нов изглед на лентата од страна која овозможува подобро концентрирање на содржината на веб-страниците.