Термовизиските скенери не се ништо ново, а претходно видовме како технологијата се употребува на места како аеродромите, за да се открие дали луѓето кои летаат имаат температура. Сега изгледа дека технологијата се користи во носечките уреди како паметни очила, а токму тоа кинеската компанија Rokid пробува да го продаде во САД.
Компанијата наводно им го претставила својот производ на неколку компании со седиште во САД. Очилата, познати како T1 ќе доаѓаат со инфрацрвен скенер, кој може да открие температури на околу 200 луѓе одеднаш на оддалеченост до три метри. Тоа значи дека здравствените работници можат да бидат распоредени на терен за да извршат брзи скенирање и да утврдат кој има температура, што е еден од симптомите на Ковид-19.
Очилата имаат Qualcomm чипсет и доаѓаат со 12MP камера, поддршка за проширена реалност, а компанијата нуди и IoT и софтверски решенија за олеснување на препознавање на лицата. Меѓутоа, треба да се напомене дека тоа што лицето нема температура не значи и дека нема инфекција со коронавирус.
Температурата е само еден од симптомите, но во најмала рака може да им помогне на службениците да ги изолираат луѓето кои се видно болни и можеби да извршат дополнителни тестови на нив. Фактот дека се работи за носечки уред значи дека лесно може да се дистрибуира и преместува од една локација на друга, и на тој начин да покрие поширок простор одеднаш.