Европската комисија (ЕК) денеска одговори на бројните дезинформации што се шират на социјалните медиуми за некаква поврзаност со 5G мрежата и епидемијата на коронавирусот.
Одговарајќи на новинарско прашање на редовниот дневен брифинг, Јоханес Барке, портпарол за дигитална економија во Европската комисија, повтори дека „не постои никаква географска или друга поврзаност помеѓу распоредувањето на 5G мрежата и појавувањето на коронавирусот“.
Европската комисија активно работи, рече тој, на спречување на дезинформациите поврзани со коронавирусот и има посебна единица посветена на оваа тема, каде се анализираат и лажните вести поврзани за 5G мрежата и вирусот.
Ги видовме дезинформациите за 5G од некои извори на социјалните мрежи, платформите ги идентификуваа овие линкови и некои од нив како Facebook и YouTube веќе ги отстранија овие проблематични содржини, изјави Барке.
Европската комисија вели дека е посебно загрижена за дезинформациите во врска со коронавирусот бидејќи тие „играат со стравовите на луѓето“ и „создаваат конфузија кај граѓаните.“
Што се однесува до самата 5G мрежа и евентуалните здравствени ризици поврзани, на пример, со зрачењето, портпаролот порача дека изложеноста е „секогаш педесет пати помала од она што научните докази велат дека треба да биде за да им последици врз здравјето“.
-Заштитата на здравјето е највисокиот приоритет на Европската Унија, а ова ја вклучува и 5G мрежата, изјави Јоханес Барке.
Поврзани артикли