Huawei сфати дека е тешко да се продаваат телефони без пристап до апликациите на Google. Toa најдобро се виде на Mate 30 моделот (првиот модел без Google поддршка), кој надвор од Кина досега е продаден во практично занемарлива количина. Затоа во компанијата решија да помогнат во продажба на тој, но и на сите идни телефони, така што креираа апликација која овозможува инсталирање на популарните Android апликации по „заобиколен“ пат.
Оваа апликација наречена App Search засега е достапна во Германија, една од ретките европски држави во кои се продава Huawei Mate 30. Таа на корисниците им помага на Mate 30 да инсталираат популарни апликации како што се Facebook или WhatsApp.
Апликацијата би требало да работи и на наскоро очекуваната P40 серија телефони, како и Mate X моделите, а достапна е за преземање од Huawei AppGallery продавницата. Според зборовите на корисниците кои ја испробале, апликацијата не обезбедува директно преземање и инсталација на саканите апликации, туку ги упатува корисниците на локациите, од каде што можат да ги преземат. Huawei во описот експлицитно наведува дека апликацијата служи само за асистсирање на корисниците да ги пронајдат популарните апликации со конзолидација на повеќе алтернативни локации за нивно преземање, меѓу кои се Amazon, APKPure, APKMirror, како и HGS.