Грозјето има една основна намена – производство на вино, ракија и сок. Остатоците од производството, сепак, можат да послужат и за сосема друга намена.
До овој заклучок стигнале истражувачите од универзитетот Вашингтон откако властите на Алјаска решиле да побараат замена за агресивната сол во третманот на заледените патишта. Верувале или не, САД годишно трошат над 5 милијарди американски долари на чистење патишта, со напомена дека најголем дел од финансиите одат на санација на штети како резултат на работата на зимските служби. Секоја година на американските патишта се истураат повеќе од 27 милиони тони сол, велат од универзитетот Вашингтон.
Експертите од универзитетот во потрага по поеколошко решение испитувале голем број соединенија од природата. Веќе претходно, има успешни обиди патиштата да се третираат со мешавина од натриум хлорид и сок од репка, за сега да биде заклучено дека за третман на патиштата може да помогне течност на база на остатоци од грозје, кората и самите коскички. Студијата вели дека течноста по ферментација го топи ледот побрзо од кој било еколошки раствор досега испробан. Нивната научна работа е објавена во новиот број на ASCE (American Society of Civil Engineers).
И додека кај нас грозјето се користи за производство на вино, уште повеќе за ракија, Американците со слична база, секако со адитиви, ќе се обидат да ги третираат патиштата во зима. Велат дека овој микс е значително помалку агресивен кон металот, асфалтот, но и за околната почва. Првите студии потврдуваат слични резултати и со други видови овошје, пишува Traffic Technology Today.
Извор: Додај Гас