Сундар Пичаи, извршниот директор на Google и Alphabet од Брисел денеска порача дека е потребна глобална регулација на вештачката интелигенција.

„Иако вештачката интелигенција ветува огромни бенефити за Европа и светот, постои сериозна загриженост за потенцијалните негативни последици на вештачката интелигенција“, изјави Пичаи на настан организиран од економскиот тинк-тенк, Бругел во Брисел.

Во прашање е, меѓудругото, развојот на технологиите како препознавање на лица „дип фејк“, односно капацитетот на технологијата за модифицирање на гласот.

Првиот човек на Google смета дека технологијата може да биде злоупотребена и дека нејзините „нус ефекти“ треба да се превенираат.

Според него, постоечката законска рамка на Европската Унија за заштита на личните податоци, позната како ГДПР, може да биде добра основа за регулирање на областа на вештачката интелигенција смета тој.

Засега ЕУ е единствениот регион на светот со ваква проактивна заштита на личните податоци. Пичаи денеска повика на усогласеност на меѓународно ниво во однос на регулацијата, но ЕУ и САД имаат многу различен пристап кон овие прашање.

Европската Комисија треба во текот на наредните денови да обелодени нова стратегија за регулирање на вештачката интелигенција за наредните пет години.