Неисправна „спамбот“ програма (задолжена за испраќање спам-пораки) овозможи стотини илјадници мејл-адреси и шифри да се појават на интернет, а со тоа и потенцијално да бидат загрозени, што би можело да ги вклучи и различните налози што се поврзани со тие шифри.
И покрај фактот дека се пробиени 711 милиони имејл-адреси, што би значело на секој жител на Европа по една, не е сосема сигурно дали тие адреси им припаѓаат на вистински личности.
„Точниот број на вистински сопственици на имејлите и шифрите најверојатно е многу помал затоа што спамбот-програмите им ги испраќаат своите пораки на голем број лажни и повторени адреси“, вели експертот за интернет-безбедност Трој Хант, кој ја објави веста.
Сите обелоденети адреси се собрани од страна на луѓе што управуваат со спамбот-програмите, кои испраќаат имејли на маса луѓе очекувајќи дека кликањето на нивната содржина ќе им донесе заработувачка.
Тие ги складирале адресите и шифрите на имејл-сервер кој не бил доволно безбеден, што би значело дека луѓето можеле да пристапат на серверот и едноставно да ги симнат (даунлодираат).
Хант, кој ја води страницата „Have I been Pwned“, вели дека најверојатно адресите и шифрите се преземени од други локации, што би значело дека некои луѓе веќе биле изложени на безбедносни проблеми.
„Нивната разновидност илустрира колку податоците се широко распространети, па не може да се дојде до информација од каде е преземена вашата имејл-адреса, ниту што друго можете да направите“, вели тој.
Сите адреси и шифри можат да се најдат и да се проверат во базата на податоци на страницата на Хант, „Have I been Pwned“.