Со оглед на тоа што американската кампања против Huawei продолжува, од раководството на кинескиот технолошки гигант признаа дека 2020. година за нив ќе биде тешка година.
Според зборовите на еден од раководителите на компанијата, Ерик Ксу, Huawei оствари приход од 122 милијарди долари во 2019-та година, што е за 18% повеќе од 2018-та година. Продадени се 240 милиони паметни телефони, што е за дури 17% повеќе во однос на 2018-та година.
„Овие бројки се помали од тие кои што ги предвидовме, но ние и натаму работиме солидно и остануваме силна компанија“, истакна тој.
Кинеската компанија сепак се соочува со некои предизвици како што е слабоста на глобалната економија и притисоците од САД. Како што е познато, американските власти го ставија Huawei на црната листа во мај минатата година, а тоа влијаеше на односите на кинеската компанија со американски Google.
„Нема да растеме брзо како што тоа беше случај на почетокот на 2019-та година кога имавме одлични моменти на пазарот. Ова ќе биде тешка година за нас“, додаде Ксу.
Инаку, вратата на Huawei и натаму е отворена на големи пазари како што се Германија и Велика Британија, но сепак бројни земји не им дозволуваат да ја развиваат 5G мрежата,а посебен удар ќе биде доколку новите телефони не го поддржуваат оперативниот систем Android на Google и разните, најпопуларни сервиси на американскиот гигант.
Извор: B92.net