PC уредите моментно доминираат со eSports сцената и иако постојат Mac гејмери, јасно е дека PC платформата нуди поголема прилагодливост, модуларна е и полесна за надградба, и поради тоа е главен избор на професионалните гејмери во однос на Mac компјутерите.
Засновани на прилично бизарните гласини и информации до кои дојде Patently Apple, извештаите од Тајван сугерираат дека Apple планира да зачекори на гејминг сцената, така што во текот на 2020. година ќе претстави гејмерски Mac компјутер. Во овој момент, најмоќните модели на iMac и MacBook Pro се способни за гејминг до одредено ниво.
Сепак, бенчмарк резултатите покажуваат дека овие компјутери не се најдобрата и најсилна опција кога е гејмингот во прашање и тоа е сегментот кој Apple сака да го покрие. Гласините сугерираат дека гејминг Mac-от ќе биде уред со цена од околу 5000 долари, а би можел да пристигне во All-in-One форма или во облик на гејминг лаптоп.
Останува да се види дали овие необични гласини ќе се обистинат, со оглед на тоа дека Apple никогаш досега специфично не бил заинтересиран за пазарот на компјутерски видео игри. Споменатите информации треба да се земат со резерва, а повеќе детали би можеле да бидат достапни во иднина.