Археолозите во близина на градот Канкун, во Мексико, при ископување откриле древна палата со големина на половина фудбалско игралиште, која потекнува од периодот на цивилизацијата на Маите, пренесуваат светските агенции. Големиот дворец се наоѓа на територијата на древниот град Кулуба, во близина на денешното модерно летувалиште Канкун во источно Мексико.
Научниците претпоставуваат дека градбата висока шест метри и долга 55 метри, била користена пред повеќе од илјада години, односно во периодот меѓу 600 и 1500 година пред нашата ера.
„Ова е само почетокот, затоа што досега откривме една на најобемните структури, а има и други“, рекол за „Дојче веле“ Алфредо Барера, археолог од Националниот институт за антропологија и историја.
Археолозите коишто работат на наоѓалиштето велат дека подземјето, скалилата, пиластерите и другите украсни елементи се зачувани во добра состојба. Истражувачите, исто така, истражуваат уште четири други објекти во областа, меѓу кои и објект за жртвување, урнатини на две градби наменети за живеење, но и кружна структура која би можела да биде печка.
Во периодот меѓу 250 и 900 година цивилизацијата на Маите била на својот врв и контролирала значителни делови од денешно јужно Мексико, Гватемала, Белизе и Хондурас, а исто така одржувала врски и со соседните цивилизации.