Уметноста може да се создаде било каде, било како и од било што, доколку оставите креативноста да ги направи првите чекори. Пакомак ве повикува да го направите токму тоа: преку мотото „Создавај уметност, а не ѓубре“, компанијата за справување со амбалажен отпад го отвора конкурсот „Trash for Art 2019“, на кој најдобрите уметнички дела создадени од отпад ќе бидат наградени со паричен надомест.
Наградниот конкурс е отворен сите – возрасни и деца, а приложените дела ќе се натпреваруваат во три категории: 1) градинки, 2) основни училишта, 3) поединци и други организации. За секоја од категориите предвидени се по три парични награди – за прво (30.000 денари), второ (20.000 денари) и за трето место (10.000 денари).
За да учествуваат во конкурсот, пријавените дела е потребно да бидат изработени од минимум 10 парчиња амбалажен отпад од ист или од различен тип на амбалажа, а да не бидат повисоки од 150 см. Под амбалажен отпад се подразбираат: лименки, пластични и стаклени шишиња, тегли, капачиња, картонски кутии, конзерви, ќеси од чипс, обвивки и слично. Еден учесник може да пријави и повеќе од едно дело, но не може да освои повеќе од една награда.
Учеството на конкурсот се пријавува на денот на поднесување на делото и не е потребна претходна апликација за апликантот да влезе во изборот. Меѓутоа, од Пакомак повикуваат на почитување на роковите за пријавување. Делата треба да бидат доставени на 14 и 15 декември, од 12 до 19 часот, како и на 16 декември, од 12 до 14 часот во Кинотека на Северна Македонија.
Наградените дела ќе бидат објавени на веб-страницата на Пакомак на 16 декември и истите ќе останат во сопственост на компанијата. Недобитните дела ќе може да се подигнат на 17 и 18 декември, од 14 до 19 часот.
„Сакаме да ги поттикнеме учесниците дека со волја, вештина и сосема малку или без воопшто вложени финансиски средства може да креираат нешто конкретно, функционално и убаво, а притоа да освојат вредни награди и да го добијат статусот на еколошки-ангажиран уметник“, вели Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Пакомак очекува голем број на пријавени дела, но истовремено се надева дека со организирањето на овој конкурс ќе успее да го подигне нивото на свест околу рециклирањето и подоброто управување со амбалажен отпад.
Поврзани артикли