Ако сте ја заборавиле лозинката, системот на Facebook ви овозможува да се вратите на профилот со вашиот телефонски број, на кој социјалната мрежа праќа уникатен код со кој може да добиете пристап до профилот.
За жал – ако хакер одлучи да го купи вашиот стар број, може да го искористи ова за да влезе во вашиот профил. Секако, ова важи ако стариот број сѐ уште е поврзан со вашата сметка.
Џејмс Мартиндел објави текст на блог платформата Medium: „Додека Facebook често ве потсетува да го поврзете телефонот со профилот, не ве потсетува да ги ажурирате вашите податоци“.
Тој самиот пробал и успешно хакнал профили на други луѓе. Купувал нов телефонски број и кога ја ставал картичката во телефонот, добивал порака од Facebook иако не го регистрирал телефонскиот број на неговата сметка.
„Бев љубопитен. Знаев дека Facebook стандардно им овозможува на луѓето да ја најдат вашата сметка со вашиот телефонскиот број, па го напишав телефонскиот број во просторот за пребарување и видете што се случи“.
Тој напишал случајна лозинка за да може да пристапи до опцијата за враќање на лозинката. Тогаш било лесно да добие код испратен на телефонот, па можел да се најави повторно.
Тој објаснува како овој метод би можел да се искористи во измамите поврзани со многу пари, вклучувајќи продавање сметки на црниот пазар.
Затоа, размислете дали треба да го поврзете телефонот со вашиот Facebook профил.
ИЗВОР: Medium