Aston Martin претстави концепт на летачки автомобил наречен Volante Vision, амбициозен футуристички проект во соработка со Rolls-Royce и научниците од Универзитетот Кренфилд.

Според компанијата, првиот вистински летачки спортски прототип ќе биде претставен за две години. Леталото ќе може да достигне брзина до 320 километри на час, ќе превезува тројца патници и ќе биде целосно автономно возило.

Од Aston Martin се надеваат дека ќе ја променат идниндата на транспортот со тоа што ќе им овозможат нова димензија на слобода на своите клиенти.

„Луѓето секогаш минуваат повеќе време од и до работа. Далечината од местото на кое живееме и нашето работно место наскоро ќе биде дефинирано од достапните методи на транспорт. Овој концепт во иднина би овозможил да патуваме подалеку и побрзо, што значи дека ќе можеме да живееме подалеку од местото во кое работиме. Градовите ќе растат, а малите градови кои се подалеку од поголемите ќе се претворат во предградија“, смета Енди Палмер, извршен директор на Aston Martin.