Во рамките на Глобална Недела на Претприемништво, Американската стопанска комора (АмЧам) во партнерство со Стартап Македонија беа домаќини на настанот „Како стартапите и корпорациите да остварат партнерство за успех“, кој се оддржа на 18. ноември.
Извршната директорка на Американската стопанска комора, Дијана Десподов, како и Игор Маџов, кo-основач на Стартап Македонија, Душко Јордановски, ко-основач на компанијата Х4 и претставници од три македонски стартапи: Импала, НЕТии Сторнест зборуваа за тоа како стартапите и корпорациите можат да работат заедно за взаемна корист, како и за различните модели и примери на постоечки соработки.
Игор Маџов ги потенцираше аспектите во кои стартапите и големите компании се надополнуваат, нагласувајќи дека постојат многу можности за взаемна соработка, особено на полето на иновирање бидејќи стартапите имаат поголема флексибилност во преземање ризици.
На настанот свое учество зема и Душко Јордановски од Х4, македонска компанија која изработува софтверски решенија за големи глобални банки, кој ги запозна присутните со успешниот пат на компанијата и сподели лекции за тоа како да се соработува со големи глобални играчи.
Настанот беше проследен со вмрежување помеѓу членовите на АчЧам и македонските стартапи.
Глобалната Недела на Претприемништво е еднонеделна иницијатива организирана од 170 држави ширум светот, која обединува над 10.000 партнери во организација на околу 35.000 настани на теми од областа на претприемништвото. Оваа иницијатива е празнувана ширум светот, бидејќи на многу едноставен и директен начин овозможува поврзување на партнерите од екосистемот во насока на подобрување на условите за развој на претприемништвото во секоја од земјите.