Знаците и влијанијата од климатските промени – како што се покачувањето на нивото на морето, топењето на мразот и екстремните временски неприлики се зголемиле во периодот од 2015 до 2019 година, што претставува и најжешкиот петгодишен период во историјата на мерењата, се вели во извештајот на Светската метеоролошка организација (WМО).
Концентрациите на гасови со ефект на стаклена градина во атмосферата исто така достигнала рекордно ниво, според Глобалниот извештај за климата 2015-2019, објавен пред Самитот за климатска акција на Генералниот секретар на ОН.
Се забележува дека глобалната просечна температура е зголемена за 1,1 Целзиусов степен од прединдустрискиот период, а за 0,2 степени во периодот 2011-2015 година.
Извештајот на ОН дава единствена проценка за состојбата на планетата која е изложена на сè поголеми климатски промени, при што се нагласува потребата од итно дејствување.
Кога станува збор за концентрацијата на стакленички гасови, се укажува дека во последните пет години се забележува постојан пораст на нивоата на јаглерод диоксид и други штетни гасови за речиси 20 проценти во однос на претходните пет години.
„Причините и влијанието на климатските промени се зголемуваат, а не забавуваат“, рече генералниот секретар на Светската метеоролошка организација, Петери Талас.
„Порастот на нивото на морето се забрзува, а ние сме загрижени дека ненадејното топење на ледената прекривка на Антарктикот и Гренланд ќе продолжи и во иднина. Како што видовме годинава со трагичните ефекти на Бахамите и во Мозамбик, зголемувањето на нивото на морето и интензивните тропски бури доведоа до хуманитарни и економски катастрофи“, констатира тој.