Необична материја е пронајдена на дното на кратер на Месечината, но од кинеската вселенска агенција се уште немаат објавено фотографија од „желатинозната супстанца со необична боја“.
Кинескиот ровер “Yutu-2” кој слета на темната страна на Месечината е првиот робот во историјата кој се движи по тоа неистражено подрачје.
Од своето слетување во јануари оваа година “Yutu-2” сними низа на фасцинантни погледи на површината на Месечината и како што пренесува space.com, откри необична материја слична на желатин која се „криела“ на дното на еден од бројните тамошни кратери.
Необичното ново откритие се случило во текот на осмиот ден од истражувањето кое што започнало на 25-ти јули. Секој месечев ден инаку трае колку две седмици на Земјата, а соларниот ровер врши научни истражувања, мери радијација и ја разгледува околината.
Три дена после осмиот месечев ден, тимот на мисијата ги разгледувал фотографиите и ја забележал материјата која прилично се разликува од сивата прашина која доминира на површината од Месечината. Тимот наместо да продолжи со истражувањето, веднаш го насочил роверот кон материјата со цел да добие подобар увид.
Од кинескиот научен тим не го објавија составот на материјата, ниту пак фотографии, а научниците шпекулираат дека би можело да станува збор за стопено стакло настанато од удар на метеорит.