По надградбата на своите премиум MacBook Pro лаптопи пред извесен период, Apple сега го освежи и својот основен модел на MacBook Pro, како и MacBook Air.

Основниот 13-инчен MacBook Pro сега има Touch Bar и Touch ID. Исто така, стариот двојадрен процесор е исфрлен и наместо него тука е четиријадрениот Intel Core i5 (Coffee Lake) процесор од осма генерација.

Почетната цена на овој лаптоп е 1300 долари (за моделот со 128 GB SSD), а тука е и Core i7 верзијата, по цена од 300 долари и повеќе, со додавање на повеќе RAM и простор за складирање.

MacBook Pro и MacBook Air ја добија True Tone функцијата на Ретина екраните, а оваа опција автоматски ја подесува температурата на бојата на екранот во согласност со околината во која се наоѓаат. Покрај тоа, надградениот MacBook Air e поевтин за 100 долари и неговата цена сега изнесува 1099 долари.

Исто така, Apple одлучи да престане со продажба на 12-инчниот MacBook, кој не беше надграден цели две години, а од понудата го исфрли и класичниот MacBook Air, кој немаше Ретина екран и до вчера беше најевтиниот лаптоп на компанијата, по цена од 999 долари.