Љубители на вселената, почнете да штедите. НАСА објави дека Меѓународната вселенска станица ќе биде отворена за граѓаните – по цена од 50 милиони долари.
Според новата политика со која е дозволена комерцијализација на Меѓународната вселенска станица, на приватните астронаути ќе им биде дозволен лет на станицата од 2020 година, објавила НАСА. Мисиите на астронаутите ќе траат до 30 дена, а нивните должности би биле во согласност со неодамна одобрената политика на комерцијални и маркетиншки активности поврзани со станицата.
НАСА предвидува до две приватни мисии годишно, по цена од 50 милиони долари по астронаут. Секако, и за “приватниците” ќе важат строгите медицински стандарди и правила на обука на НАСА. За превоз до Меѓународната вселенска станица ќе се погрижат “SpaceX” и “Boeing”, двете американски компании кои развиваат капсули за транспорт на луѓе.
Меѓународната вселенска станица, плод на соработка на пет вселенски агенции кои ги претставуваат 15 земји, се градела 10 години во повеќе од 30 вселенски мисии. Вселенската станица сега е во големина на фудбалско игралиште и се наоѓа на висина од 400 километри над Земјата.
Екипажот со три до шест астронаути периодично се менуваат. Астронаутите досега биле од САД, Русија, Канада, Јапонија и Европа.
Извор: B92.net