Причината е иста – проблем со софтверот
Volkswagen најави новa дата за почеток на продажба на следната генерација на својот најпопуларен модел Golf. Причината се дигиталните функции на хечбекот, вклучително и ажурирање на софтверот. Нивното воведување во автомобилот сè уште создава проблеми за инженерите на брендот.
Главниот извршен директор на компанијата Јирген Стакман во интервју за Automotive News вели дека продажбата на новиот Golf во Европа ќе стартува во 9-тата недела од 2020 година Како конкретен датум тоа би значело 24 февруари.
„Никогаш не сме го криеле фактот дека софтверот – една област од исклучително значење за идните производи, е огромен предизвик за нас. Нашиот тим работи под огромен притисок, а основен проблем е способноста на возилото да го ажурира софтверот од далечина. Ова го прави потенцијално ранлив на хакерски напади“, вели шефот на” Volkswagen.
Стакман додава дека безбедноста на автомобилот е врвен приоритет за инженерите на брендот. Безбедносниот код на моделот е 10 пати поголем од тој на паметен телефон, што ги прави работите уште покомплицирани.
„Ако смартфонот на клиентот не функционира, тоа не е фатално. Но, ако кај еден автомобил се појави проблем и софтверот откаже, тоа веќе може да биде фатално“, објаснува Стакман, посочувајќи и друг проблем, со кој неговиот тим треба да се справи. Тоа е дали далечинското ажурирање на софтверот влијае на хомологацијата на автомобилот.
„Откако ќе додадете нови содржини на возилото, вие влијаете врз неговите карактеристики. Тоа е сосема нова област за нас и ние работиме заедно со соодветните агенции, кои треба да го одобрат возилото. Овие процеси сепак сеуште не се дефинирани, бидејќи се нови не само за нас, туку и за нив“, објаснува Стакман.
Првично, компанијата планираше новиот Golf да го претстави ова лето, а неговата светска премиера да се случи на Саемот за автомобили во Франкфурт во септември. Но, плановите се сменија и на саемот во Германија ќе го видиме првиот електричен хеџбек на брендот. Кога ќе биде покажан следниот Golf, сè уште не е јасно.