Компанијата на Google, Wing досега извршила повеќе од 70 илјади тестни летови и повеќе од 3000 достави по пат на беспилотни летала во Австралија, а следниот чекор е ширењето на бизнисот и во САД. Доставата со дронови одамна ја направи Џеф Безос, а покрај самата технологија, многу важен услов што треба да се исполни за почеток на тестовите е и дозволата на регулаторните тела.
Првата таква дозвола во САД вчера ја доби токму Wing, на кого Федералната воздухопловна администрација (FAA) му даде зелено светло за почеток на воздушните испораки со дронови. Со добивањето на дозвола (лиценцата мора да се обнови по две години), Google, односно Wing може да почне со првата комерцијална услуга за достава со дронови, а ќе ја покрене кон крајот на годината во Блексбург, во сојузната држава Вирџинија.
Дозволата ќе му овозможи на Wing управување со дроновите и надвор од погледот на пилотот на дронот и само во текот на денот, а беспилотните летала нема да смеат да пренесуваат опасен материјал и да лебдат над луѓето (можат само да ги прелетуваат, без запирање над нив). Исто така, еден пилот може да управува со максимално пет дронови одеднаш.
Благодарение на илјадниците успешно и сигурно одработени летови во Австралија и бројните податоци и документација што ја собралa, компанијата Wing докажа дека нејзините операции се во склад со ригорозните безбедносни барања, нагласија од FAA. Од Wing дури и тврдат дека досегашните тестирања покажале дека доставата преку беспилотни летала е посигурна за луѓето во однос на доставата со автомобили, но како и во случајот на автономните возила, прашање е што ќе се случи кога ќе падне првиот дрон и ќе повреди луѓе или ќе направи материјална штета.