Вулканските ерупции се причината за една од најголемите катастрофи во биосферата во историјата на нашата планета, тврдат научници од Универзитетот во Синсинати и кинескиот државен Универзитет за наука. Според нивната заедничка студија објавена во списанието Nature Communications, постојат несоборливи докази за катастрофата која се случила пред околу 252 милиони години на Земјата. Тие се лоцирани во трагите од жива, пронајдени во седименти во земјата кои датираат од тој период, како и присуство на жива во атмосферата како резултат на согорувањето на резервите на јаглен. По ерупциите, живата заедно со дождовницата паднала во Светскиот океан, а потоа и во морските седименти низ светот.
„Вулканската активност, вклучувајќи ги гасовите и органското согорување, исуштило многу жива на површината на Земјата. Како по правило, за време на големи експлозивни ерупции, многу жива се ослободува во атмосферата, која доведува до големи катастрофи“, вели Томас Алгео од Универзитетот во Калифорнија.
Епицентарот на ерупциите се наоѓал на територијата на Сибир, а како резултат на катастрофата, голем дел од флората и фауната што доминирале на Земјата пред појавата на диносаурусите била уништена. Некои од животните кои живееле на планетата во тоа време изгледале како забест тигар и змејот Комодо.
Како резултат на екстремните вулкански ерупции кои траеле стотици години, околу 96% од морските видови исчезнале, а исто така и околу 73% од копнените ‘рбетници и 83% од инсектите. За време на периодот на сеизмичката активност, во атмосферата на Земјата се испуштале околу три милиони кубни километри пепел, што ја зголеми просечната температура на планетата за 10 степени, а киселоста на морињата исто така била сериозно зголемена.