Два нови санти мраз се одвоија последниве недели од глечерот Греј во чилеанската Патагонија, и научниците се загрижени бидејќи ова се случува сè почесто.
Сантите мраз се одвоија на 20 февруари и 7 март, откако во ноември 2017 година од глечерот се одвои уште поголема санта со големина на три фудбалски игралишта (380 метри x 350 метри).
Глечерот се наоѓа на глацијалното езеро во Националниот парк Торес дел Пеин во јужниот дел на Чиле.
Научниците сè почестото одвојување на сантите мраз од глечерите го припишуваат на порастот на температурата.
Во последниве неколку дена „температурата се зголемува над нормалното ниво и забележани се поројни дождови, заедно со зголемувањето на нивото на водата во езерото, што се фактори што би можеле да го објаснат одвојувањето на сантите мраз”, изјави Рикардо Јана, научник од Антарктичкиот институт на Чиле (INACH).
Научниците од универзитетите во Германија и Бразил, заедно со експертите на INACH и други локални организации, го следат глечерот Греј од 2005 година во согласност со програмата на меѓународна соработка.
Во декември оваа година Чиле ќе биде домаќин на Самитот на ОН за климатски промени, COP25.