Гласините од претходно сугерираа дека Galaxy A90 моделот на Samsung ќе пристигне со pop-up селфи камера, а изгледа дека ова би можело и да се обистини. Меѓутоа, новите информации истакнуваат дека Samsung би можел да ги подигне работите на ново ниво.

Според најновите и се уште непотврдени информации, но кои пристигнуваат од доверливи извори (@OnLeaks), Galaxy A90 ќе има камера со слајдер и опција на ротирање. Ова ќе овозможи да се користи и како предна и задна камера, во зависност од позицијата.

Извештајот сугерира дека модулот на A90 камерата, покрај pop-up слајдер механизмот, ќе има и ротирачки мотор. Еден модул ќе се користи и за креирање на стандардни фотографии и селфи (своевиден хибрид помеѓу Oppo Find X и Oppo N1 моделите, на фотографијата погоре).

Потребно е да се истакне дека оваа дизајнерска карактеристика се уште е непотврдена, но не е невозможно технологијата од овој тип да ја видиме на Samsung Galaxy A90 телефонот.