Кинескиот проект Raffles City Chongqing, кој многумина го нарекуваат инженерско чудо, е речиси готов, пишува Си-ен-ен.
Моше Сафдие, познат архитект, конструира комплекс кој е составен од осум облакодери и голем премин кој ги поврзува истите, наречен хоризонтална кула. Целата структура има неверојатни 1,12 милиони квадратни метри.
Овој амбициозен градежен проект се наоѓа во центарот на Чонгкинг, југозападен кинески град на реката Јангце.
Хоризонталната кула наречена „Кристал“ ќе биде една од највисоко поставените во светот и ќе ги поврзува облакодерите под себе, а ќе има и галерија која ќе служи како видиковец, а во неа ќе има и градини, „бесконечен базен“ и многу ресторани.
„Кристал“ ќе има и посебна функција во вечерните часови, кога ќе се претвора во џиновска светилка што ќе го осветлува небото со спектакуларно светлосно шоу.
Во внатрешноста на комплексот Raffles City Chongqing ќе биде лоциран и трговски центар од 230.000 квадратни метри, 1.400 станбени единици, луксузен хотел и 160.000 квадратни метри луксузен канцелариски простор.
Неодамна беше поставена кровната структура на осмиот односно последен облакодер, од мегаструктурата вредна 3,8 милијарди долари, што значи дека Raffles City Chongqing би требало да биде официјално отворен до крајот на годинава.