Германската авиокомпанија „Луфтханза“ минатата година стана најголемиот европски авиопревозник киога по 14 години од првата позиција го симна „Ер Франс – КЛМ“.
На глобално ниво, првата позиција и натаму ѝ припаѓа на „Американ ерлајнс“, а „Јунајтед ерлајнс“ стана вториот светски авиопревозник пробивајќи се пред „Делта ерлајнс“.
По агресивната експанзија на американскиот пазар во 2018 година, воздухопловниот свет доби нов втор по големина авиопревозник – компанијата „Јунајтед ерлајнс“, пренесуваат светсните агенции.
Компанијата на почетокот на минатата година одлучила да го зголеми пазарниот удел, а врз основа на тригодишниот план го зголеми својот капацитет 6 отсто годишно на своите најфреквентни континентални центри – Чикаго, Хјустон и Денвер.
Во меѓувреме германската „Луфтханза“ во Европа го презеде приматот од „Ер Франс – КЛМ“ и со тоа стана најголем европски авиопревозник.
Приближувајќи му се на својот конкурент во 2017 година, германската авиокомпанија лани го престигна кога го зголеми својот патнички сообраќај 9 отсто, речиси трипати побргу. Имено, „Луфтханза“ во 2018 година постигна нов патнички рекорд превезувајќи 142 милиона патници на 1,2 милион летови.
„Луфтханза“ ја зазема водечката позиција во Европа благодарение на претежно органскиот раст, поткрепен со купување помали швајцарски, австриски и бриселски авиопревозници, односно со зголемување на обемот на работа на својот поевтин авиопревозник „Евровингс“ за речиси 25 проценти.