Околу 900 п.н.е., група на сибирски номади наречени “Скитии“, започнале да се движат низ централноазиската степа. Денес, степите од Црното Море до северна Кина се испреплетени со илјадници гробови и длабоки гробници, покриени со могили од камен или почва.
Со векови, ограбувачите на гробниците краделе украсна златна уметност и накит, како и ситно изработено оружје и опрема за коњи, кои биле погребани со мртвите. Сателитските слики сега го обелоденуваат степенот на уништување, а би можеле и да помогнат во заштитата на античките гробови од модерните ограбувачи.
Археологот од Универзитетот во Сиднеј, Џино Каспари, заедно со неговиот тим во областа на провинцијата Ксинџијанг во северозападна Кина, барале скиитски могили со помош на сателитските слики со висока резолуција од 110 квадратни километри.
Тие ги мапирале нивните наоди и забележале дека голем дел од могилите се оштетени од страна на крадците – односно кога ограбувачите ја ископуваат содржината на гробната јама, центарот на насипот обично паѓа.
Речиси три четвртини од гробните могили во северниот дел на Ксинџијанг биле ограбени, а овие податоци биле изненадувачки за Каспири и неговите колеги. “Претпоставувавме дека поради оддалеченоста и присуството на безбедносните сили во регионот, ќе најдеме поголем дел на непроменети гробови“, рекол тој.
Меѓутоа, тој додава дека поголем дел од штетите на гробовите во Ксинџијанг најверојатно се случиле во последните 15 години. Сателитските снимки кои тие ги користеле биле од 2003 година, а податоците за секоја година покажуваат постојан пораст на процентот на оштетени гробови.
Иако сателитските снимки помагаат во наоѓањето на оштетените гробови, сепак постои уште долг пат до реално сателитско следење на загрозените антички локации. “За жал, ова не е веројатно во блиска иднина и е надвор од моите способности како истражувач. Но, треба барем да се зборува за тоа, за менаџерите на културното наследство да добијат идеја што би можеле да направат во иднина“, рекол Каспири.
Во меѓувреме, тој и неговите колеги работат на начини за проширување на сателитското истражување, користејќи машинско учење и сателитски податоци со отворен код, пишува Ars Technica.