На Карибите е пронајден ретко виден ембрион на ајкула што личи на корал од два метра или на сунѓер со остри рабови.
Тој беше еден од многуте откритија на американските научници, кои поминаа дваесет и два дена во мисија на истражување на водите во околината на Порторико и американските Девствени Острови, на најголеми длабочини досега. Водени од научници кои од копно посматрале сè низ монитор, тие собрале осумдесет и девет примероци кои треба да се анализираат. Ова го изјави Даниел Вагнер, координатор на експедицијата од Националната асоцијација за океаните и атмосферата во САД.
„Кога ќе ви кажат дека тоа никогаш порано не го виделе, тоа е индикација дека ова е нов вид или нешто досега неоткриено во регионот“, рече тој.
На научниците ќе им бидат потребни неколку години за да се утврди дали е откриен нов вид, но во меѓувреме, тие ќе ги испратат сите корални гранки, парчиња сунѓери, кршливи морски ѕвезди и собрани камења во Националниот музеј за историја на природата „Смитсонијан”.
Научниците исто така идентификувале околу триесет видови риби, вклучувајќи ги и оние области каде што не биле видени порано. Меѓу нив има популарни видови, како што е на пример црвена орада, видени неколку стотици метри подлабоко отколку што првично се сметало дека живеат.