Второто целосно вештачко срце е вградено во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје. Со оглед на исклучително тешката и ретка операција, имајќи ја предвид претходната состојба на пациентот, ова е уште еден пионерски кардиохируршки зафат, со што Клиничката болница и, воопшто, македонското здравство се вбројуваат помеѓу петте водечки центри за кардиохирургија во Европа. Ова е втора кардиохируршка операција на вградување на целосно вештачко срце во Македонија за само неполни четири месеци, по првата изведена во јули годинава.
Пациентката, девојка на 28-годишна возраст од Скопје, во Клиничката болница е донесена во животно-загрозена состојба, а по оперативниот зафат изведен во четвртокот вечерта, е будна, самостојно дише и, за сега, се чувствува добро.
Комплексната интервенција траеше околу осум часови и комплетно ја изведе тимот од „Аџибадем Систина“, предводен од шефот на Одделот за кардиохирургија, проф. д-р Александар Николиќ. Вградувањето вештачко срце е најтешката интервенција во кардиохирургијата. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ уште еднаш застана рамо до рамо со самиот врв на светските здравствени установи кои вршат зафати со механичка срцева потпора. Воедно, ова е огромен исчекор и за македонската кардохирургија, со што нашата држава се вбројува во малкуте земји во светот каде што се извршени вакви операции.
„Пациентката беше донесена во Аџибадем Систина од Клиничкиот центар во Скопје со дијагноза – срцева инсуфициенција на левото и десното срце, во клиничка смрт во траење од два часа, за време на која била ставена на вонтелесен крвоток. Бевме повикани поради нашето обемно искуство на ова поле. Сугерирав пациентката да биде ставена на ECMO апарат што ја заменува работата на срцето и на белите дробови и веднаш да се префрли во Аџибадем Систина. Но, пред да го изведеме самото вградување на целосно вештачкото срце, на пациентката мораше да и` се изведе друга операција, на стомакот. Поради долгата реанимација, кај пациентката дојде до излив на крв во стомакот што мораше да биде саниран пред да и` го вградиме вештачкото срце. Операцијата помина одлично и се надеваме на целосно опоравување.
Пациентката се наоѓа на Одделот за кардиохируршка интензивна нега и е под постојан мониторинг од страна на нашиот тим. Има подобрување на состојбата, ослободена е од ECMO апарат и сега самостојно дише. Поради успешното изведување на операцијата и годините на пациентката, се надеваме дека за околу еден месец таа ќе може повторно да застане на нозе и да продолжи со секојдневните активности“, изјави проф. д-р Николиќ, пионер на кардиохирургијата во регионот, но и во многу пошироки рамки.
Со вградувањето на вештачко срце, пациентката доби шест до осум години живот, по кои ќе биде потребна трансплантација, а, поради брзиот напредок на медицината, се надеваме дека ќе најдеме друго посоодветно решение за неа и за побрзо време, велат во Клиничката болница.
Светски реномираниот експерт за лекување на срцева инсуфициенција од Сојузна Република Германија, кардиоваскуларенот хирург Д-р Латиф Арусоглу, којшто како надворешен експерт ја набљудуваше операцијата поради нејзината специфичност, вели дека ова е исклучително ретка и тешка интервенција за што мал број центри во Европа би се согласиле ја прифатат пациентката и да ја изведат операцијата. Тој ја поздравува храброста на целиот медицински тим на Аџибадем Систина да го прифати овој случај и да влезе во толку ризичен зафат за да се спаси еден млад живот. Според него, со успехот на оваа интервенција, Аџибадем Систина стана еден од само петте врвни центри за кардиохирургија во Европа кадешто се изведуваат вакви интервенција.
“За кус период, ‘Аџибадем Систина’ со вградувањето на второтo вештачко срце и понатаму демонстрира дека е лидер во воведување нови интервенции, технологии и практики. Со последната операција отидовме и чекор понатаму. Горди сме на нашиот тим на кардиохирурзи, којшто е единствен сертифициран тим за изведување на овој тип интервенции во Република Македонија. Од експертите од странство добиваме признанија за изведувањето на оваа крајно комплексната операција. Нивните признанија се за вкупните капацитети на болницата, подготвеноста и знаењето на нашиот тим, предводен од проф. д-р Николиќ, да влеземе во ризичен зафат за да го спасиме животот на младата пациентка. Но, повеќе од сè, тие се потврда за достигнувањето на целта што ја поставивме пред нас пред осум години: станавме најдобриот кардиохируршки центар во Македонија и еден од најдобрите во Европа!”, изјави д-р Јана Марин, директор на болницата и член на Одборот на директори на „Аџибадем Систина“.
Околу 1.800 операции на вгардување на целосно вештачко срце се изведени вкупно во светски рамки, а Македонија е на листата од 25 земји во светот каде што се практикува овој комплексен кардиoхируршки зафат, покрај држави како што се САД, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија…”,
Механичкото срце е од светски познатата компанија од САД, SynCardia, единствениот клинички докажан и одобрен производител на целосно вештачко срце во светот. Вештачкото срце е со иста големина како и природното. Се напојува со батерија, којашто, по излегувањето од болницата, пациентот ќе ја носи во специјален ранец на грб, со тежина од шест килограми. Вградувањето механичко срце е тренд во светската кардиохирургија, со оглед на фактот што сè потешко се доаѓа до донорско срце, особено во Европа.