Дека превозот на патници не мора да биде голем загадувач покажува германскиот FlixBus
Во април оваа година, FlixBus стана првата компанија во светот која тестираше електрични автобуси на долги растојанија, започнувајќи го својот пилот-проект во Франција на релација Париз – Амиенс. Друг FlixBus Е-bus ќе сообраќа на релација од Франкфурт до Манхајм, а ќе користи 100% чиста енергија благодарение на соработката со Greenpeace Energy.
„Сакаме да ја обликуваме иднината на мобилноста. Иако набавната цена на E-Bus моментално е многу скапа, ние сепак сме убедени дека оваа инвестиција на долг рок ќе биде исплатлива и профитабилна како за развој на компанијата така и за нашите клиенти и животната средина“, вели Андре Швамлејн, основач и извршен директор на FlixBus.
Германскиот Flix-E-Bus ќе вози двапати дневно, запирајќи притоа на аеродромот во Франкфурт и Хајделберг на патот од Франкфурт до Манхајм. Благодарение на партнерството на FlixBus со Greenpeace Energy, автобусот ќе работи на чиста електрична енергија. Со тоа веќе во првата година од работењето емисијата на CO2 ќе се намали за 82 тони во споредба со автобус на фосилни горива, според една студија спроведена од страна на Atmosfair.
Автобусот ќе се полни еднаш или два пати на ден, како и преку ноќ на бензинска пумпа во рамките на главната автобуска станица во Манхајм или привремена станица за полнење во Франкфурт.
FlixBus партнерството со Greenpeace Energy ја обезбедува платформата за FlixBus CO2 Neutral Tickets, овозможувајќи им на патниците надомест за емисиите на јаглерод диоксид за секое патување на FlixBus низ цела Европа, а од неодамна и во САД.
Со лансирањето на E-Bus, FlixMobility во 2018 година во Германија го лансираше брендот FlixTrain кој во моментов сообраќа на релација Хамбург – Келн и Берлин – Штутгарт. За 2019 година, предвидени се нови линии, а понудата на FlixTrain се поврзува со постоечката FlixBus мрежа во Германија, овозможувајќи им на патниците избор на најдобар начин на патување прилагоден на нивните индивидуални потреби.