Во Скопје денеска почна првата конференција за е-трговија во Македонија на која се дискутира за тековните состојби, предизвици и идните трендови на полето на електронската трговија. Под насловот „е-Трговија: е-Иднината за е-Македонија!“, на конференцијата свое излагање и учество имаат над триесетина говорници, модератори и панелисти од 8 земји.
Конференцијата со поздравен говор ја отвори претседателката на Асоцијацијата за е-Трговија на Македонија- АЕТМ, Нина Ангеловска, која во својот говор истакна дека Македонците во првото полугодие од оваа година, според податоците од НБРМ, потрошиле 63 милиони евра за купување онлајн, што претставува пораст од 20 отсто во однос на првото полугодие од минатата година. Најголем дел од овие трансакции завршиле кај странските е- трговци, или скоро 41 милиони евра наспроти 22 милиони евра остварени кон домашните е-трговци.
Воведно обраќање имаше и Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој истакна дека во моментов се работи на Стратегија за сајбер безбедност.
„Mораме и можеме да направиме заеднички напори за промовирање на е-трговијата пред крајните корисници, преку подигнување на свеста на граѓаните за придобивките. Граѓаните мора да бидат сигурни дека во процесот на е-трговија нивните податоци се безбедни, трансакциите гарантирани и дека никој нема да ја злоупотреби нивната доверба во системот. Во тој контекст
посветено работевме на Стратегијата за сајбер безбедност, а веќе сме во завршна фаза на финализирање на Акцискиот план за сајбер безбедност“, изјави Манчевски.
На конференцијата присуствуваат повеќе од 370 учесници кои доаѓаат од над 120 компании, 7 банки, 6 организации, 8 владини институции и 6 факултети.