Од Ford велат дека на новото возило не може да му парира ниту еден досегашен полициски модел кога станува збор за забрзување од 0 до 60 и од 0 до 100 km/h
Минатата недела, Ford најави нов модел на полициски автомобил кој ќе биде достапен во САД и кој, барем кога станува збор за полициски возила, треба да постави неколку рекорди. Модел 2020 Ford Police Interceptor Utility со погон на сите четири тркала и 3.0 V6 EcoBoost мотор на сите полициски тестови се покажал подобар и побрз од другите автомобили кои се користат од страна на полицијата во САД.
Максималната брзина на овој автомобил е 240 km/h, а благодарение на моќниот мотор и погонот на на сите четири тркала, ниту еден досегашен полициски модел не може да му парира, кога станува збор за забрзување од 0 до 60 и од 0 до 100 km/h – интересно, од компанијата сеуште не објавиле конкретни бројки или колку секунди се потребни за да се постигнат овие брзини, но тврдат дека ова возило е најдобро, односно најбрзо.
Освен наведениот погонски агрегат, достапна е и верзија со хибриден мотор со кој е жртвувана дел од брзината – според CNET, овој модел постигнува солидни 220 km/h, а неговата годишна заштеда е незанемарливи 3.500 американски долари по возило годишно споредбено со моментално најмоќниот полициски Ford Interceptor.
Со оглед дека станува збор за полициски автомобил, од Ford велат дека посебно внимание посветиле на перформансите кои се од суштинско значење во потери, а во зависност од желбите и буџетот достапни се и некои дополнителни опции – Ford Telematics дава информации за состојбата на автомобилот и заштедата на гориво, додека системот Perimetar Alert го следи движењето на луѓето и предметите околу возилото, ги анализира движењата и препознава потенцијално сомнително однесување. На мониторот се прикажуваат возилата или луѓето, како и степенот на потенцијална опасност ако тоа претставуваат, а ако системот утврди дека лицето претставува потенцијална опасност, ќе се подигнат прозорците, автомобилот се заклучува и се издава предупредување.
Полициските станици низ САД веќе можат да го нарачаат овој „ѕвер“, а првите испораки се планирани за следното лето.