Со претстојната транзиција кон мобилни мрежи од петта генерација (5G) за Apple ќе стане тешко да ја задржи сегашната ценовна стратегија за своите паметни телефони, објави тајванското издание ДигиТајмс, повикувајќи се на извори од индустријата.
Конкурентите Самсунг Хуавеи Ксаоми, Опо и Виво се подготвени да понудат 5Г смартфони уште во 2019 година, иако комерцијалното навлегување на мрежите од петтата генерација се очекува кон крајот на 2020 година. Apple од своја страна, се придржува кон распоред на ажурирање на своите смартфони секоја година, но за американската корпорација нема да е оправдано да одржува високи цени на 4Г моделите во 2019 година, бидејќи конкурентите ќе понудат поприфатливи 5Г уреди.
Можно е Apple да го следи примерот на други производители и уште во следната година да лансира смартфони со двата режима. Ова ќе и овозможи на компанијата да ја следи својата стратегија со скапи уреди – на пример Ајфон со поддршка на 5Г со цена од околу 1.300 долари.
Има и друго можно сценарио – Apple да пушти во 2019 година линија смартфони со поддршка на 4Г и 5Г по цени од 900 до 1.000 долари, за да привлече корисници со масовното навлегување на мрежите од петтата генерација. Но, во овој случај ќе настрадаат продажбите на Ајфон Икс-Ер, Икс-Ес и Икс-Ес Макс што може да влијае на показателите на Епл.