Двата мали ровери кои јапонското вселенско летало „Хајабуса 2“ во петокот успешно ги спушти на астероидот Рјугу, ги испратија првите фотографии и податоци од ова вселенско тело, во рамки на мисијата која би можела да даде информации за настанувањето на Сончевиот систем и развитокот на Земјата.
Двата ровери, тешки околу еден килограм, се опремени со камери, и ќе се движат околу вселенското карпесто тело Рјугу, со пречинк од еден километар кое има слаба гравитација. Роверите ќе ја мерат температурата и ќе прават снимки од неговата површина, објави Би-би-си.
„Двата ровери се во одлична состојба“, објави јапонската вселенска агенција со првите фотографии од Рјугу.
Астероидот, во форма на дијамант и темна површина, се врти околу својата оска еднаш на секои седум ипол часа. Ова инаку е првпат космички брод успешно да ги спушти своите роботски ровери на површината на еден астероид.
We are sorry we have kept you waiting! MINERVA-II1 consists of two rovers, 1a & 1b. Both rovers are confirmed to have landed on the surface of Ryugu. They are in good condition and have transmitted photos & data. We also confirmed they are moving on the surface. #asteroidlanding
— HAYABUSA2@JAXA (@haya2e_jaxa) September 22, 2018
Астероидите во основа се преостанат материјал кој потекнува од формирањето на Сончевиот систем пред 4,6 милијарди години. Под негостопримливата површина, се верува дека содржат големо богатство информации за настанувањето на планетарниот систем.
„Очекуваме дека вселенската карпа во форма на дијамант е богата со вода и органски материјали што ќе им помогнат на научниците подобро да ја разбираат интеракцијата меѓу материјата од кое е составена Земјата и настанувањето на океаните и животот на неа. Со тоа уште повеќе ќе ја развиеме науката за Сончевиот систем“, соопшти јапонската агенција.
На крајот на октомври „Хајабус 2“ ќе се спушти на астероидот, кој е оддалечен околу 280 милиони километри од Земјата, за да ги собере примероците од карпестото тло.