Групацијата Volkswagen предупреди дека амбициозната транзиција кон електрифицирани верзии на сите модели ќе ја чини компанијата многу повеќе од првично проценетото, што ќе го присили германскиот производител и понатаму да ја продлабочува програмата за штедење за да ги балансира големите трошоци, пишува Bloomberg.
Првичните процени за трошоците за електрификација во Volkswagen беа 20 милијарди евра. Сепак, шефот на конгломератот, Херберт Дис вели дека тоа нема да биде доволно, но јавно не кажува за која сума станува збор. Според него, компанијата треба да ги намали трошоците за да може да инвестира во идните технологии.
Групата има намера да лансира 80 нови електрични модели во рамките на брендовите Volkswagen, Audi, Porsche, Škoda и Seat, до 2025 година, но и да понуди електрифицирани верзии за секој од 300-те модели на групата до 2030 година.
„Товарот на грбот кој го носи нашата компанија, како што се трошоците за донесување на електричните возила на пазарот, ќе биде многу потежок отколку што очекувавме“, вели Дис во заедничко интервју со лидерот на синдикатот, Бернд Остерлум во интерниот билтен на Volkswagen. „Ова е важно бидејќи нашите ривали постигнаа поголем напредок“.
Рекордните трошоци за развој на електричните автомобили и потребата за усогласување со построгите регулативи во однос на емисиите, во голема мера ги притискаат производителите. Daimler Mercedes го претстави EQC, првиот засебен електричен сериски модел на марката, а од компанијата велат дека издатоците за гама од 10 целосно електрични автомобили до 2022 година ќе биде поголем од првичната проценка од 10 милијарди евра.
Од постигнувањето на договорот со работната сила во 2016 година, VW групата почна да профитира од реорганизацијата на 12 автомобилски брендови. Компанијата ја зголеми профитабилноста во матичниот бренд, кој ја зголеми својата добивка за повеќе од една третина, од 1,8 на 4,1 отсто минатата година.