Google би можел да продолжи да собира лични податоци од корисниците, дури и доколку тие го користат инкогнито режимот во веб-прелистувачот Chrome, открива извесна студија.
Истражувач од универзитетот Вандербилт во Нешвил, Тенеси, откри дека Google би можел ретроактивно да го поврзува приватното прелистување на корисникот со корисничките имиња и информации за сметките што тој ги користи на интернет.
“Додека таквите податоци се собираат со анонимни идентификатори на корисникот, Google има можност да ги поврзе овие собрани информации со лични податоци на корисникот зачувани на нивната сметка на Google”, се вели во студијата.
Студијата, нарачана од трговската организација Digital Content Next, објаснува дека веб активностите на лицето на страниците што прикажуваат реклами од пазарот за онлајн реклами на Google може да се поврзат преку анонимизирани колачиња со нивниот YouTube, Gmail или други Google сметки.
Кога го користите инкогнито режимот во Google Chrome, пред да почнете да пребарувате прелистувачот ве известува дека сте во приватен режим и дека другите луѓе кои го користат истиот уред нема да имаат можност да видат што сте пребарувале.
Goolge тврди дека нема да ја зачувува историјата на прелистување, колачињата, податоците за страниците ниту пак податоците кои ги внесувате, но предупредува дека сепак пребарувањето би можело да биде видливо за одредени веб-страници, интернет сервис провајдери, како и за менаџментот во училиштата и работодавачите.
Оваа студија е објавена во време кога Google се соочува со тужба поради практиките за локациско следење, а тужителот тврди дека се работи за следење кое опфаќало милиони корисници, без тие притоа да дадат согласност за тоа.
Во тужбата се наведува дека Google ја прекршил политиката на приватност на корисниците, погрешно уверувајќи ги дека доколку тие ја исклучат можноста за ‘location history’ на нивниот iPhone или Android смартфон тоа ќе спречи можност да бидат следени.