Facebook и Instagram ќе воведат алатки со кои корисниците ќе можат да го контролираат времето поминато на овие социјални мрежи, објавија од Facebook. Алатката ќе овозможи луѓето да постават временски лимити за користење на апликацијата и привремено да ги исклучи нотификациите.
„Ги направивме овие алатки во соработката и инспирирани од водечки експерти за ментално здравје, научници, организации и нашите големи истражувања и фидбекот кој го добиваме од нашата заедница“, велат во блог објавата Дејвид Гинсберг од Facebook и Амет Ранадајв од Instagram.
„Сакаме времето кое луѓето го поминуваат на Facebook и Instagram да биде намерно, позитивно и инспиративно. Нашата надеж е дека овие алатки ќе им овозможат на луѓето поголема контрола врз времето кое го поминуваат на нашите платформи, а истовремено да поттикнат дијалог помеѓу родителите и тинејџерите околу онлајн навиките кои се добри за нив“.
Алатките ќе можат да се најдат на страниците за уредување (settings) на Facebook и Instagram, како „Вашето време на Facebook“ (Your Time on Facebook) и „Твојата активност“ (Your Activity).
Марк Цукерберг во јануари соопшти дека еден од главните проблеми со кој се соочува сајтот е „осигурување дека времето поминато на Facebook е корисно потрошено“, покрај проблемите со „заштита на заедницата од злоупотреби и говор на омраза“ и „одбрана од мешање на државни служби“.
Компанијата се справува и со притисок од конкуренцијата. И Google и Apple објавија слични опции кои ќе бидат вградени во Android и iOS оперативните системи, преку кои нотификациите ќе можат да се исклучат трајно, наместо привремено како што ќе дозволува Фејсбук.
Google и Apple имаат и алатки како „добро потрошено време“ (time well spent) кое овозможува на родителите да го ограничат времето кое децата го поминуваат пред екраните.