Фолксваген и Рено ги објавија плановите да им понудат на своите клиенти услуги за споделување на електрични автомобили. На овој начин, компаниите се надеваат дека ќе промовираат „одржлива мобилност“ во големите градови. Германскиот производител потврди дека има намера да пушти сопствена услуга базирана на платформата „VW We“ во Германија во 2019 година. Ако се оди според планот, компанијата ќе го прошири својот пристап до Северна Америка, Азија и други европски земји „најрано“ во 2020 година.
Рено е многу заинтересиран за услугите за споделен превоз на патници. Компанијата дури планира да лансира слична платформа на улиците на Париз во септември 2018 година, пренесе „Енгаџет“. Вториот чекор од овој проект е да се создаде отворена работна група која ќе дискутира за можностите за интегрирање на „новите модерни транспортни услуги“ во поголемите градови во Франција. Мрежата „C40“ ќе се користи за оваа намена.
Потсетуваме дека таа покрива над 100 различни градови, а нејзин претседател е градоначалничката на Париз, Ан Идалго. Исто така е веројатно дека другите големи производители на автомобили ќе го следат нивниот пример и ќе им понудат на своите клиенти слични услуги. Влегувањето во такви платформи ќе ги намали трошоците, но исто така ќе придонесе за намалување на емисиите на штетни гасови во атмосферата. Останува да се види дали идеите на Фолксваген и Рено ќе се реализираат на време.