Технолошките гиганти Apple и Samsung ставија крај на седумгодишната судска постапка за кражба на патентот и копирање на изгледот на iPhone од страна на Samsung. Во судењето кое се одржа вчера, двете компании објавија дека стигнале до договор.
Борбата за патентот започна во 2011 година и првично беше пресудено дека Samsung треба да му исплати оштета на Apple во висина од 1 милијарда долари.
Случајот беше отворен поради поголем број на патенти за дизајн и хардверски, како и софтверски решенија за основни функции за еден смартфон, како двоен допир за зумирање на содржината на екранот и дизајнот на почетното мени. Но, додека предметот на судската борба беа индивидуалните патенти, вистинската причина за случајот беше обвинението дека Samsung го копирал iPhone, кое на повеќе од еден начин беше докажано како точно. Судијата и поротата стоеја на страната на Apple во овој судски спор.
Последната пресуда донесе парична казна од 539 милиони долари кои Samsung треба да ги исплати на Apple, за што од Samsung се побунија и рекоа дека ќе достават жалба за пресудата во овој месец. Тоа сепак не се случи и двете компании се спогодија.
„Навистина мног веруваме во дизајнот и нашиот тим работи напорно на полето на иновација на нови производи за нашите корисници. Овој случај отсекогаш беше за многу повеќе од парите. Apple ја почна смартфон-револуцијата со iPhone, додека Samsung бесрамно го копираше неговиот дизајн. Важно е да ја заштитиме напорната работа и иновацијата која ја допринесуваат вработените во Apple. Се согласуваме со судијата и поротата и сметаме дека Samsung треба да плати за копирање на нашите производи“, пишуваше во официјалното обраќање на Apple кон јавноста.
Овој случај конечно е затворен, по долгогодишни судења и процеси. Крајната пресуда е дека Samsung парично ќе ја плати казната, додека Apple ќе ги добие правата на патентите за кои беше отворен судскиот процес.