Покрај алатки за декрипција, на корисната страница www.nomoreransom.org можете да пронајдете и совети за превенција, со цел и самите да не станете жртви на обид за уцена
Платформата www.nomoreransom.org, која содржи алатки за декрипција на блокирани уреди жртви на уценувачки софтвер (рансомвер), е достапна на неколку јазици, меѓу кои и неколку балкански.
Оваа новост ќе ја олесни декрипцијата на уредите заразени со злонамерни програми, т.н. „Криптолокери“, кои ја криптираат содржината на нивните датотеки и со тоа ја оневозможуваат достапноста. На наведената платформа се наоѓаат алатки со чија помош може да се пронајдат клучеви за декрипција за да може датотеките на блокираниот уред повторно да станат достапни без плаќање откуп на уценувачите.
Меѓународен проект
Наведената платформа е поставена во рамки на проектот „No more ransom“, кој во 2016 година беше покренат од страна на холандската национална полиција, Европол, „Intel Security“ и „Kaspersky Lab“.
Од почетокот на проектот му се придружија десетици партнери од сите континенти, што покажува дека ова е глобален проблем против кој треба да се бориме заедно. Во проектот учествуваат 76 земји. Според статистичките податоци, најмногу посети има од Русија, Холандија, САД, Италија и Германија. Платформата е достапна на 15 јазици и содржи 40 бесплатни алатки за декрипција.
Страницата е едноставна за користење и потребно е само да ги вчитате криптираните датотеки, по што во апликацијата ќе се изврши проверка дали постои решение. Ако постои, на корисниците им се овозможува линк за преземање на решението за декрипција.
Покрај алатките за декрипција, на страницата можете да најдете и совети за превенција за и самите да не станете жртви на обидите за уцена.