Тоа би можело да му даде ветар во грб на Марк Цукерберг пред сведочењето во Европскиот парламент, кое е превидено за денеска
Велат дека податоците не лажат, а според нив, Facebook од скандалот со Cambridge Analyticа излезе неповреден. Барем што се однесува до корисниците.
Доколку може да му се верува на извештајот на инвестициската банка “Goldman Sachs” кој се појави во јавност, Facebook од скандалот излезе посилен отколку што беше. Предвидувањата за големиот број исклучени и избришани кориснички профили не се остварија.
Во извештајот кој се повикува на податоците од аналитичката компанијата “comScore”, наведено е дека бројот на корисници на Facebook во САД во текот на април пораснал за седум отсто во однос на истиот период минатата година, на 188,6 милиони. Во време кога скандалот беше во полн замав, се зголемило и времето кое луѓето го поминувале на оваа социјална мрежа.
Според податоците на “Deutsche Bank”, бришењето на лажните кориснички налози по скандалот со мешањето во американските претседателски избори, немало значајно влијание врз досегашното огласување.
Ова откритие, заедно со целосното закрепнување на акциите на Facebook, е сосема спротивно од истражувањата според кои довербата во Facebook значајно опаднала по информацијата за злоупотреба на корисничките податоци во полза на компанијата Cambridge Analyticа.
Коосновачот и директор на социјалната мрежа, Марк Цукерберг, го очекува средба со европските законодавци во текот на која ќе го испитуваат за заштитата на приватноста, лажните вести и нивната регулација.
Извор: Zimo.hr / Business Insider